Историски дебакл на Загреб во ЛШ – никогаш досега не примиле толку голови

Хрватскиот ракометен првак Загреб секоја сезона е се полош, а последниот меч проив Барселона покажа дека дното уште не е допрено. Шпанците во Загреб победија со 46-26. Хрватскиот тим беше надигран во сите сегменти.

Иако ова не е најтешкиот пораз на Загреб во Лигата на шампионите, натпреварот ќе остане запаметен како вечер во која клубот прими рекордни 46 голови – најмногу во својата историја. Најтешкиот пораз и понатаму останува оној од 2015 година, кога повторно Барселона славеше, тогаш со 43-21.

Ова е меч во кој Загреб му дозволи на ривалот да постигна најмногу голови против „белите лавови“. Хрватскиот тим е еден од ретките што секоја сезона игра во лигата на шампионите и зад себе има над 370 одиграни натпревари. Но, има и негативна статистика, досега има примено над 10.000 голови, а постигнато 9662 гола. Единствената победа и бодови ги имаа против Еурофарм Пелистер, на 3 декемеври 2025 година кога триумфораа со 27-23.