Непријатни сцени го одбележаа натпреварот во хрватското првенство откако на прославениот ракометар и тренер Славко Голужа му се слошило за време на мечот на неговиот тим Бјеловар.
Според информациите од Хрватска, Голужа се почувствувал лошо на почетокот од второто полувреме. Тој почувствувал болка во градите и веднаш се повлекол од клупата, по што била повикана итна медицинска помош. Набргу бил пренесен во болница во Бјеловар, каде што му биле направени детални прегледи.
Од клубот соопштија дека неговата состојба е стабилна и дека е под лекарски надзор. Според првичните информации, нема животна опасност, но ќе следуваат дополнителни испитувања.
Голужа е едно од најголемите имиња во историјата на хрватскиот ракомет. Како играч освои две олимписки злата и светска титула со националниот тим, а по завршувањето на кариерата ја предводеше хрватската репрезентација и освои медали на големите натпреварувања. Во клупската кариера беше дел од европскиот шампион Загреб.

























