Шоштариќ нема да го води Загреб, ново име на клупата на хрватскиот првак

Хрватскиот првак Загреб од февруари го засили својот стручен штаб со уште едно познато име. Искусниот тренер Борис Дворшек се приклучи на тренерскиот тим предводен од главниот тренер Ненад Шоштариќ.

Шоштариќ поради здравствени причини не е во можност да го води тимот, па ќе се врати во моментот кога ќе му дозволи здравјето, а дотогаш ќе го менува Дворшек.

Дворшек ќе работи заедно со помошникот Тончи Валчиќ и тренерот на голманите Аријан Јовиќ, со цел дополнително да се подобрат перформансите на тимот.

Станува збор за докажан ракометен стручњак кој добро го познава клубот, откако со Загреб во 2013 година ја освои СЕХА лигата. Неговото богато искуство се очекува да биде од голема корист, како во индивидуалниот развој на играчите, така и во унапредувањето на тимската игра.

Дворшек веќе им се приклучи на тренинзите, а своето деби ќе го има на пресметката со ПСЖ од Лигата на шампионите.