Шампионот Ѓорче Петров победнички го отвори пролетниот дел од Супер женската лига и запиша убедлив триумф над Спартак со 35-21. „Лавиците“ сега имаат 25 бодови, пред Чаир со 24 и Металург Автокоманда со 23
Марија Јанкуловска на камбекот во поранешниот клуб беше најдобар стрелец со осум погодоци и меѓу најзаслужните за триумфот заедно со Емилијана Ризоска која имаше девет гола. Во составот на Спартак новите засилувања, Сара Цветановска со шест и Ива Божиноска со пет беа најдобри стрелци.
Гостинките парираа 25 минути, кога имаа негатива од само два гола, 12-10, но „црната дупка“ и падот во финишот на првиот ги чинеше скапо. За тоа време домаќинките постигнаа дури пет гола и на паузата се замина со плус седум, 17-10.
Второто полувреме беше формално одработување на задачата и на крајот избраничките на Александар Царчев запишаа убедлива победа.

























