За Мундијалот во 2027 продадени се веќе 180.000 билети!

Интересот за 30. Светско првенство кое во 2027 година ќе се одржи во Германија, е огромен уште во раната фаза. Досега се продадени околу 180.000 билети, а побарувачката далеку ги надминува очекувањата на организаторите.

Во моментов, нема повеќе билети за натпреварите на германската репрезентација во прелиминарната рунда во Минхен, како ниту за натпреварите од главната рунда и четвртфиналето во Келн, доколку Германија обезбеди пласман. Исклучок се само специјалните „ВИП“ пакети.

Високата побарувачка не е ограничена само на натпреварите со учество на домаќинот – и во градовите каде што Германија нема да настапува, одредени натпреварувачки денови веќе се целосно распродадени.

Организаторите апелираат до навивачите кои сакаат да го следат Светското првенство во живо, навреме да ги испланираат своите посети и да ги искористат достапните понуди, бидејќи интересот постојано расте.

Во моментов јасно е дека Германија ќе игра во Минхен, Данска е предвидена како носител на групата што ќе се игра во Кил и, во случај на пласман, би продолжила во главната рунда во Хановер.

Извршниот директор на Германската ракометна федерација, Марк Шобер, признава дека ваквиот интерес ги изненадил.

„Исклучително големата побарувачка во толку рана фаза нè радува, но и нè изненади. Немавме ваков налет на продажба на билети ниту во 2019, ниту во 2024 година. Веруваме дека причините лежат во поинтензивната дигитална комуникација со навивачите, но и во успехот на женската репрезентација на Светското првенство 2025. Сребрениот медал што го освоија девојките во декември даде дополнителен импулс и за машкиот Мундијал во 2027“, изјави Шобер.

Следниот важен чекор кон шампионатот ќе биде направен на 10 јуни, кога во Минхен ќе се одржи ждрепката за прелиминарната рунда. Таа ќе го дефинира распоредот на натпреварите во градовите домаќини Минхен, Штутгарт, Кил и Магдебург, како и потенцијалниот распоред за главната рунда во Хановер и Келн.

Германската ракометна федерација дополнително предупредува дека билетите може да се купуваат исклучиво преку официјалната платформа на Светското првенство. На неофицијални платформи се појавуваат билети по значително повисоки цени, а купувањето преку такви канали не се препорачува. Федерацијата најави и правни чекори против ваквите практики, во рамките на законските можности.