Еве каков е патот на Македонија до ЕП 2028 во Португалија, Швајцарија и Шпанија

Машката репрезентација на Македонија го заврши ЕП 2026 на 14 место, го дозна можниот ривал во баражот за СП 2027 во Германија, а кон крајот на март ќе ги дознае противниците во квалификациите за ЕП 2028 во Шпанија, Швајцарија и Португалија.

Во квалификациите ќе играат 32 селекции поделени во осум групи по четири, а на континенталниот собир ќе играат 24 селекции, меѓу кои трите домаќини и европскиот првак Данска се веќе пласирани, па преку квалификациите место на континенталниот собир ќе обезбедат 20 репрезентации. Квалификациите стартуваат во октомври годинава, а вториот и третиот циклус ќе се играат во март и мај 2027 година. Билет за ЕП ќе обезбедат прво и второпласираните од осумте групи, како и најдобрите четири третопласирани селекции.

Македонија според рејтингот и остварениот пласман на ЕП 2026, ќе биде во вториот шешир пред ждрепката.

Во првиот шешир ќе бидат Германија, Хрватска, Исланд, Шведска, Франција, Норвешка, Унгарија и Словенија. Покрај Македонија во вториот шешир сигурно ќе бидат Австрија, Холандија, Фарски Острови, Србија, Полска, Чешка и Италија.

Во третиот шешир ќе се најдат Литванија, Босна и Херцеговина, Белгија, Грција, Украина, Романија, Грузија и Црна Гора, додека во последниот шешир ќе бидат Естонија, Летонија, Турција, Косово, Луксембург, Израел, Финска и Словачка.

EП ќе се игра во Швајцарија, Шпанија и Португалија во четири града – Цирих, Лисабон, Мадрид и Валенсија од 13 до 30 јануари 2028 година. Се очекува отворањето и првиот меч да бидат на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид пред повеќе од 80.000 гледачи, па да биде срушен рекордот од ЕП 2024 во Германија.