Во отсуство на првиот стратег Стевче Алушовски, првиот тренинг на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го водеше асистентот Алексо Лембанов.
Младиот стратег потенцираше дека планот на подготовките ќе биде дефиниран кога ќе се комплетира стручниот штаб.
„Зимските подготовки ги започнуваме со драстично намален ростер, поради огромниот број на репрезентативци кои ќе настапат на ЕП. Ќе работиме на секој аспект од ракометната игра. Нормално, во овој почетен период ќе ставиме акцент на физичката подготвеност. Ќе работиме во мали групи, а ќе ни се приклучат Хаџиќ и Хеидарирад, а ќе бидат вклучени и неколку играчи од младинскиот погон на клубот, кои ќе може да ни помогнат во тренажниот процес. Кога ќе дојде Алушовски ќе се дефинираат плановите околу пријателските натпревари“, вели Лембанов.
Тој се осврна на целите на битолчани сезонава.
„Кога ги браниш боите на Еурофарм Пелистер, амбициите се на највисоко ниво. Нашите желби се конечно да дојдеме до таа двојна титула. Во првиот дел од сезоната видовме дека меѓусебните дуели можеби нема да бидат одлучувачки за кој ќе биде шампион, бидејќи постојат уште доста многу тешки натпревари. Ќе играме секој со секого најмалку уште два пати. Пак ќе речам, добро е што ние ќе атакуваме на двете титули и добро е што сè зависи од нас“, заврши Лембанов.
Пелистерци се без 11 ракометари, Хаџиќ и Хеидарирад ќе се приклучат дополнително, а другите десет ракометари имаат репрезентативни обврски на ЕП и на првенството на Средна и Јужна Америка.
На првиот тренинг беа присутни Абутовиќ, Манасков, Радивојевиќ, Хосни, Брестовац, Калајџиески, Кузманоски, а од младинските екипи се приклучија Мацанковски и Симоновски.

























