Македонија загуби на првиот тест пред ЕП

Машката репрезентација на Македонија загуби на првиот пријателски натпревар кај светскиот вицепрвак Хрватска со 26-23. Иако домаќините играа практично со Б селекцијата, сепак успеаја да запишат стартен триумф. Во домашниот состав недостигаа Срна, двајцата Мандиќ, Јелиниќ, Шоштариќ, Мартиновиќ, Мамиќ, Кузмановиќ, Шипиќ, Срна, Кларица, Циндриќ…додека Македонија праткично беше комплетна. Македонија беше во игра да не загуби во Пореч кога остануваа да се играат уште 90 секунди до крајот и кога беше 24-23, но домаќините со два гола во финишот прославија победа.

Се играше гол за гол во првите десетина минути до 4-4, а Македонија го имаше одличниот Митревски на голот. Пивотот Ристевски во овој период го постигна деби голот за сениорската репрезентација. Нашите момци промашија три седмереци, од кои Славиќ одбрани еден, но по хрватското водство со 6-4, Македонија се врати во егал. Но потоа уште еден промашен пенал, па Кузмановски погоди и статива.

Домаќините ги казнија сите македонски грешки и се одлепија на плус три, 10-7 по дваесетина минути игра, а до крајот на полувремето успеаја да го задржат тоа водство, иако Македонија имаше можност да намали. На стартот на вториот дел домашните отидоа највисоки плус пет, 16-11, но како одминуваше времето така нашите момци се доближуваа резултатски. Галевски запре два пенали, а на спротивната страна Серафимов беше прецизен од седум метри.

Атанасијевиќ намали на минус еден, 20-19, а во оваа акција Хрватите останаа без Филип Главаш кој заработи директен црвен картон по стартот над нашето лево крило, кој за среќа мина без последици. Беше и 21-20 на десетина минути до крајот, a Хрватите со среќен гол стигнаа до 23-21, па Лазаров бараше тајм-аут. Не погодивме, но не погоди ниту ривалот, а во следната акција, Шимиќ доби трето исклучување и црвен картон, па одново Македонија имаше шанса за резултатски камбек.

Но наместо минус еден, следуваше грешка и десното крило Молц погоди од контра за 24-21 кога остануваа уште четири минути за играње. По тајм-аутот на Лазаров Костески намали на 24-23, Љевар беше прецизен за 25-23 и веќе немаше време за нешто повеќе.

Одбраната на Македонија беше солидна – Митревски запиша 11 одбрани, Галевски имаше четири, меѓу кои и два пенали, но нападот не беше на посакуваното ниво, најмногу по заслуга на Славиќ, кој се истакна на хрватскиот гол со 15 интервенции. Кузмановски имаше седум гола за Македонија, а по три пати погодуваа Џонов и Серафимов. Кај Хрватска, шест гола имаше Љевар, додека по четири пати стрелаа Павловиќ, Токиќ и Свржњак.

Македонската експедиција уште два дена ќе остане во Хрватска, ракометарите се враќаат на 30 декемвври, следуваат два дена одмор, па потоа комплетни со Мартин Томовски ќе ги продолжат подготовките за ЕП. Следува пат за Винтертур на 7 јануари, од 8 до 10 се дуелите со Бахреин, Украина и Швајцарија, а потоа оттаму директно за Хернинг, па македонските репрезентативци ќе имаат доволно време за адаптација. Првиот натпревар е на 16 јануари против Данска, на 18 е пресметката со Португалија, додека на 20 јануари ќе се игра дуелот со Романија.