„Нашиот клуб, нашата гордост-предизвици и можности“, беше насловот на јавната трибина која се одржа во рамките на прославата 70 години ракометна Битола.
Цела година е посветена на јубилејот, а во оваа пауза меѓу првиот и вториот дел од ракометните возбудувања во Супер лигата и во Европа, Еурофарм Пелистер го чествува роденденот со неколку манифестации.
На темата за „Еурофарм Пелистер во периодот на платформата за ракометна Битола“ зборуваше претседателот на клубот Зоран Стерјeв.
„Битола треба да биде горда со овој клуб, со историјата, да ја негува историјата затоа што без историја нема сегашност, а нема ни да има иднина. Од позиција на претседател на клубот сакам да упатам голема благодарност до сите луѓе кои што во изминатите 70 години несебично, посветено, секој на свој начин со своите можности придонесоа Еурофарм Пелистер да биде вистински бренд, не само на македонскиот, не само на поранешна Југославија туку и на европскиот ракомет“, изјави Стерјев.
Тој додаде дека обединувањето секогаш носи резултати, а тоа го покажа и битолската ракометна платформа.
Во спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе се одржи и Свечена академија и ревијален натпревар на ветераните на битолскиот клуб.

























