Тимот на Бутел Скопје го заврши есенскиот дел од сезоната во Супер машката лига веднаш зад водечката четворка на петтото место и со големи шанси одново да биде дел од плеј-офот.
Тренерот на клубот, Горан Кузманоски, вели дека е задоволен од досега прикажаното во сезоната, со оглед на тоа што има една од најмладите екипи во лигата.
„Секако дека сум задоволен од досега прикажаното, особено ако се земе предвид дека оваа сезона има најголем квалитет во последните неколку години. Дополнително, ние сме најмладата екипа во Супер лигата, што само по себе претставува голем предизвик. Радува фактот што младинските репрезентативци се наметнаа како вистински носители на играта, при што добија значајна поддршка од поискусните играчи. Најголемата помош, сепак, дојде од искуството на голманите, како и од лидерската улога на Благојче Трајкоски, кој во многу моменти ја предводеше екипата до позитивни резултати“, вели Кузманоски.
По кратката пауза, бутелци одново ќе се вратат на тренинзите за пролетниот дел од сезоната.
„По божиќните празници започнуваме со краток, но интензивен подготвителен период. Иако времето до почетокот на првенствените натпревари е ограничено, планирани се неколку пријателски средби со цел екипата да ја подигне формата и да се воигра. Што се однесува до играчкиот кадар, ќе има мали промени, но во принцип остануваме со истата екипа. Во овој период не се планираат поголеми засилувања и фокусот ќе биде ставен на играчите кои веќе се дел од тимот“, продолжи Кузманоски.
Бутел Скопје немаше големи киксови оваа сезона, освен можеби гостувањето кај Прилеп, кога на екипата ништо не и одеше од рака, а Кузманоски вели дека пласманот во плеј-офот ќе треба да се потврди на следните четири меча.
„Во најголем дел го остваривме тоа што ни беше зацртано пред стартот на првенството. Одигравме квалитетни натпревари, вклучително и против екипите од првата четворка, што ни даде дополнително искуство и самодоверба. Најважно е што на натпреварите кои беа клучни за пласман во плеј-оф остваривме позитивни резултати. Сепак, мора да бидеме претпазливи и максимално фокусирани, бидејќи остануваат уште четири кола до крајот на регуларниот дел. Пласманот во плеј-оф зависи исклучиво од нас и од тоа како ќе ги одиграме претстојните натпревари“, заврши Кузманоски.
Супер лигата продолжува на 7 февруари, а за Бутел Скопје остануваат уште четири средби од регуларниот дел на кои ќе гостува кај Струга и Охрид, а дома ќе игра со Вардар и Тиквеш.

























