Охрид продолжува да гради силен тим, а од полусезоната во составот треба да се приклучи уште едно интернационално име – хрватскиот пивот Џанфранко Прибетиќ, актуелен член на германскиот Штутгарт. Со неговото доаѓање, охриѓани добиваат нова огромна сила на линијата од шест метри и дополнителна длабочина во ротацијата на кружните напаѓачи. Сега ќе имаат уште посилна екипа која сигурно ќе одговари на амбициите на клубот.
Според информациите на 24ракомет, Прибетиќ ќе се приклучи на екипата веднаш по новогодишните празници и треба да настапува во продолжението од регуларниот дел на сезоната, и во плејофот. Речиси сите детали се договорени, остануваат само формалности за потврда на договорот.
Прибетиќ е роден на 28 април 2000 година во Риека, Хрватска и игра на позиција пивот. Ракометно пораснал во РК Пореч, а во 2019 година направи голем чекор напред со трансфер во хрватскиот вицешампион Нексе, со кој стекна богато искуство во ЕХФ Европската лига. Летото 2024 година потпиша за Штутгарт, клуб од Бундеслигата, со договор до 2026 година. Сезонава одигра 17 меча за клубот и постигна 16 гола.
Дополнителен печат на неговиот профил е и настапот за младинската репрезентација на Хрватска, со која на ЕП до 18 години во 2018 година заврши на 4. место и беше избран за најдобар дефанзивец на турнирот. Со висина од 196 сантиметри и тежина од 100 килограми, тој носи комбинација од сила и сериозно дефанзивно искуство.
Охриѓани се засилија со неколку ракометари во текот на сезоната, а последниот што го ангажираа е Ален Ќосевски, десното крило на Вардар. Охриѓани ја завршија 2025 година со убедливи победи, серија од четири триумфи по ред и биланс 14 победи едно реми и 3 порази со 29 освоени бода, со што се позиционираа во самиот врв на табелата и најавија напад на највисоките места во првенството и сериозна улога во Европа. Продолжуваат и со настапите во Купот на ЕХФ.

























