Тасески пред двобојот со шампионот: Да се покажеме во што подобро светло

Ракометарите на Охрид по триумфот во Кавадарци кај Тиквеш ги очекува дерби во Супер машката лига и нов спектакл во СРЦ „Билјанини Извори“.

Во Охрид доаѓа шампионот Еурофарм Пелистер, кој имаше победничка увертира за ова тешко гостување и славеше против Вардар.

Пивотменот на „гладијаторите“, Иван Тасески, ги повика навивачите „Рибари“ и љубителите на ракометот да дојдат во што поголем број.

„Во недела го играме последниот натпревар на домашен терен за оваа година. Ни доаѓа актуелниот шампион на Македонија, екипата на Еурофарм Пелистер. После победата во Тиквеш фокусот ни е на овој натпревар. Ќе го дадеме сите максимумот за да се покажеме во што подобро светло на овој натпревар. Ги повикувам навивачката група „Рибари“, љубителите на ракометот, да дојдат во што поголем број да уживаат во овој натпревар“, изјави Тасески.

Натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер се игра в недела во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 18:00 часот.