По 11 порази во серија: Илиќ не е веќе тренер на Вецлар

Доаѓањето на Момир Илиќ во Вецлар беше најавено како значаен чекор напред за клубот, но наместо очекуван подем, проектот се претвори во големо разочарување.

Промените што ги донесе новиот тренер не донесоа посакуван ефект и се покажаа како неуспешна комбинација, па замените на Франк Карстенс и Филип Миркуловски, Илиќ и Јордовиќ, добија откази.

Вецлар имаше солиден старт со пет освоени бода по првите шест кола, но потоа следуваше серија од дури 11 порази по ред. Длабоката резултатска криза не им остави многу избор на клупските структури, па заминувањето на Илиќ стана единствено логично решение.

„Овој чекор е болен за нас како клуб. Момир заедно со Владан вложија максимум за да ја свртат ситуацијата во наша полза, но фактот дека не успеаја е тежок удар за сите во клубот. Имаме огромна почит кон Илиќ за неговата одлука самиот да си замине“, изјавија од клубот.

Минатите неколку сезони Вецлар секогаш во последен момент се спасуваше од испаѓање, но се чини дека оваа сезона тоа нема да биде случај.