Женската репрезентација на Македонија ремизираше со Словенија, 23-23, иако имаше напад за победа во последните триесетина секунди. Македонија водеше со 23-22, но Новак израмни, па нашите девојки тргнаа во напад што можеше да им донесе триумф. Тој не беше реализиран, но Македонија и покрај тоа останува во трка по трофејот, за кој ќе решава утре со Словачка.
Иако кај противникот не играа Војновиќ, Љепоја, Станко и Зулиќ, сепак тоа не ја намалува вредноста на овој резултат, кој треба да биде уште поголем мотив за нашите ракометарки во иднина дека можат да се носат со сите.
Словачка има четири бода, Македонија три, а Словенија е трета на табелата со еден, додека домаќинот Турција нема бодови.
По пет минути без голови на двете страни, Марија Јанкуловска погоди за 1-0, а потоа Чурлиновска одбрани пенал и зицер, па Македонија се одлепи на 4-1 по десетина минути игра.
Словенките набрзина се вратија во егал, се играше гол за гол, а Кипријановска со два удари од далечина ни донесе одново плус два, 7-5. Одбраната на противникот беше подвижна, имаше многу изнудени шутеви на нашите бекови, па Словенија го презема водството, 10-9. По одбрана на Ѓајиќ, избраничките на Драган Аџиќ отидоа и на плус два, што ги задржаа до паузата, 13-11.
На стартот на второто полувреме на Словенија имаше плус три, 14-11, но Петковска фати пенал, успешно беа реализирани два напади и Македонија се врати на минус еден, 14-13.
Ѓајиќ во неколку наврати одбрани, па Словенките ја имаа контролата на резултатот и во последните десетина минути се влезе со плус три за нив, 20-17. Но и Петковска запре еден удар, изнудивме пенал, а Кипријановска беше сигурна од линијата.
Македонија намали на 20-19, имаше шут на празен гол за реми во момент кога противникот беше со играч помалку, но не беше реализиран. Потоа добивме нова шанса за реми на пет минути до крајот, па Грчевски повика тајм-аут.
Реализатор на голот за реми беше Миленкоска, а потоа Кипријановска и донесе предност на Македонија по пеналот што го изнуди одличната Коларовска, но набрзина израмни Новак на 21-21. Беше и 22-22 кога остануваа 90 секунди, а Грчевски ги собра ракометарките на минута одмор.
Беше успешно одработена акција за Марија Јанкуловска, која погоди за македонско водство, а потоа Аџиќ веднаш повика тајм-аут. Новак израмни, а во последните триесетина секунди не реализиравме и мечот заврши реми.
Најдобар стрелец во нашата репрезентација беше Јована Кипријановска со осум гола, а Марија Јанкуловска даде четири. Кај Словенија, Ерин Новак постигна пет. Утре Македонија го игра последниот натпревар од турнирот во Анкара, а ривал ќе ни биде селекцијата на Словачка која запиша две победи.

























