Црвено-црната машина не сопира: Вардар рутински го реши Тиквеш и остана лидер!

Вардар „предвреме“ го одигра дуелот со Тиквеш, на кој фаворити беа „црвено-црните“ и тоа го покажаа, победувајќи 31-27 (18-12) за продолжување на победничката серија од 15 натпревари во домашноот првенство. Гостите беа без првиот тренер Кристијан Грчевски кој е во женската репрезентација на Македонија во Турција на турнир, а вардарци играа во „полн состав“,оној со кој настапуваат и во Лига Европа.

Ова беше 14. триумф на вардарци во последните 15 меѓусебни средби со Тиквеш. Сите добија свои „пет минути“ во кои покажаа што можат, пред да почнат со подготовките за дербито во Битола, следната недела. Вардар останува лидер на табелата со четири бода предност во однос на ривалот од Битола.

Тиквеш растоварен од притисок се држеше, и не му дозволи на противникот да направи голема разлика. Стигнаа домашните до „плус 9“, но никако не ја надминаа двоцифрената граница. Тренерот Иван Чупиќ ги „испоти“ сите играчи, па на десен бек една четвртина од средбата играше Ален Ќосевски, а шанса доби и голманот Марко Богдановски.

Во последните десет минути од мечот Тиквеш намали на 26-21, а Василије Печурица честопати беше во позиција да ги одбрани упатените топки кон голот, па направи двоцифрен број одбрани, повеќе од двата голмани на Вардар заедно.

Гостите остануваат на 5. место на табелата со 16 бода, и во прилог им одеше што и нивниот ривал, Еурофарм Пелистер 2 загуби на гостувањето во Охрид, па останува меѓусебната разлика од два бода.