Црногорките лесно се справија со Исланд

Црногорките беа фрустрирани од настапот против Шпанија во последното коло од групната фаза на Светското првенство, па решија на стартот на главната фаза да го покажат вистинското лице и рутински го декласираа Исланд со 36-27.

„Лавиците“ имаа многу подобра одбрана во однос на мечот со Шпанија. Тоа веднаш се виде и во резултатот, тимот на Сузана Лазовиќ поведе со 3-0, додека Исланд првпат погоди по десетина минути.

Од тој момент, противникот фати ритам и во 16. минута целосно ја стопи предноста на Црна Гора, 5-5. Следеше вистински одговор од Црногорките, кои во наредните десет минути направија серија 8-2 и стигнаа до тогаш максимални шест гола разлика, 13-7.

Сепак, финишот на првото полувреме не беше добар – Исланд со четири врзани погодоци се приближи на 13-11, а нивната серија ја прекина Вукчевиќ од седум метри, девет секунди пред паузата.

Будењето на Исланд во финишот од првиот дел беше јасен сигнал за „лавиците“ дека не смеат да се опуштат, па набрзина во вториот дел стигнаа до значајна залиха и рутински го приведоа мечот до крај.

Најефикасни со по седум гола беа Дијана Тривиќ и Татјана Брновиќ. Пет постигна Ѓурѓина Јауковиќ, додека во четири наврати прецизна беше Итана Грбиќ. Кај Исланѓанките, со по шест погодоци се истакнаа Дана Гудмундсдотир, Елин Магнусдотир и Тори Асгеирсдотир.