Денеска во центарот на вниманието на македонската јавност ќе биде последниот дуел на Вардар во групната фаза од Лигата на Европа против францускиот Тулуз. Гостите се елиминирани, Вардар е пласиран во ТОП 16 фазата, а по овој меч и по оној во Шведска каде Кристијанштад го чека Сесвете, ќе биде познато дали македонскиот тим ќе заврши прв или втор, и дали ќе пренесе два или четири бода.
Двајцата стратези, Иван Чупиќ и Данијел Анѓелковиќ, ги одредија составите за пресметката вечерва од 18:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.
Кај Вардар ќе недостигаат повредените ракометари, па Чупиќ ќе смета на најсилниот состав што може да го има во моментов, а Тулуз иако нема никакви шанси за прогрес, исто така ќе биде со најдобрите.
Мигел Пинто и Вуко Борозан, кој веќе играше и со Охрид, се враќаат во споредба со претходниот меч со Сесвете, а отсутен ќе биде Тузолана поради повреда на прстот.
Вардар е прв на табелата со осум бода, втор е шведскиот тим со седум, а хрватскиот состав има пет на третото место.

























