Македонскиот првак Еурофарм Пелистер го чека тешко гостување кај Загреб во Лигата на шампионите во последниот меч за оваа година.
Тренерот Рубен Гарабаја вели дека мотивацијата кај противникот ќе биде голема со доаѓањето на новиот тренер и очекува тежок натпревар.
„Имаат голема мотивација откако добија нов тренер. Одиграа одлично во Сегед, цврст тим се, не се откажуваат никогаш. Ќе биде тежок меч, и тие се надеваат на победа против нас. Имаме тежок распоред сега, за разлика од некои полесни мечеви минатиот период. Времето е кратко, но се подготвуваме најдобро што можеме. Следуваат важни натпревари и сакаме да се претставиме во посакуваното светло. Играме и во првенството и во Лигата на шампионите, но не смееме да се жалиме. Ќе имаме кратка пауза пред дуелот со Загреб, го знаеме тоа. Сепак, ќе одиме да одиграме квалитетно и се надеваме на победа“, изјави Гарабаја.
На табелата Загреб е последен без бодови, додека Еурофарм Пелистер е на седмото место со четири бода.
Натпреварот меѓу Загреб и Еурофарм Пелистер се игра утре во „Арена Загреб“ со почеток во 18:45 часот.
























