Екипата на Загреб е единствената оваа сезона што нема освоено бодови во Лигата на шампионите и загуби на девет натпревари.
Хрватскиот првак го пречекува македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во последниот меч за оваа година од елитното натпреварување.
Средниот бек Ивано Павловиќ се врати на терените по повредата и веќе играше против ПИК Сегед во ЛШ и против Рудар во хрватскиот шампионат.
„Се надеваме дека во оваа тешка ситуација за клубот ќе ги собереме главите и во среда ќе ги освоиме првите бодови. Јас се чувствувам добро, малку чудно, затоа што имам чувство како да е само почеток на сезоната. На моите соиграчи сигурно им е потешко, затоа што тие се тука од почетокот на септември во сезона која за нас беше се само не лесна. Мене ме немаше десетина месеци, најголемиот дел од времето бев одвоен од екипата и водев некои свои битки. Повредата што ја заработив на СП е од таква природа што за целосно закрепнување треба три до четири месеци. Во мојот случај се редеа три фрактури и затоа ме немаше толку долго. Многу тежок период за мене и затоа сум пресреќен што повторно сум со моите момци и што имам можност да бидам здрав и да играм“, изјави Павловиќ.
Тој иако го почитува македонскиот шампион, смета дека е време за прв триумф на Загреб во елитната конкуренција.
„Што се однесува до нашиот противник, можам да кажам дека станува збор за добар тим со неколку навистина квалитетни играчи кои со години играат на врвно ниво во Лигата на шампионите. Тие секако го заслужуваат нашиот респект и сигурен сум дека и тие ќе дадат сè од себе за да нè победат и да останат во игра за пласман понатаму. Би рекол дека нашата полусезона ја красеа големи осцилации. Играме одличен натпревар во Париз, па потоа „се распаѓаме“ дома против ГОГ. Мислам дека е важно тоа да не се повтори и овој пат. Со оглед на сите околности, мислам дека одигравме навистина добро во Сегед, но не смееме повторно да потонеме пред нашите навивачи во Загреб. Време е пред нашата публика да одиграме вистински натпревар и да ги освоиме првите бодови. Верувам дека оваа екипа тоа може“, заврши Павловиќ.
Натпреварот меѓу Загреб и Еурофарм Пелистер се игра в среда во „Арена Загреб“ со почеток во 18:45 часот.

























