Вардар се пласираше во главната рунда од Лигата на Европа откако славеше убедливо на гостувањето кај Сесвете со 38-24.
Тренерот Иван Чупиќ не го криеше задоволството по моќната победа над хрватскиот клуб и пласманот во ТОП 16.
„Сакам да им се заблагодарам на сите – салата, публиката, секој што ја создаде атмосферата на вистински спектакл. Нормално, пресреќен сум и како тренер целосно задоволен. Моите играчи од првата до последната минута, сите 60 минути, гризеа. Беа подобри, ја демонстриравме нашата игра, онака како што тренираме и како што сакаме да играме. Им покажавме на сите можни противници каде ни е местото, што можеме да очекуваме од себе и што уште треба да поправиме“, изјави Чупиќ за „Германијак“.
Хрватот нагласи дека најмногу го радува карактерот на екипата.
„Им кажав и пред натпреварот, а го повторувам и сега – бескрајно сум среќен. Срцето ми е полно кога ќе видам дека се борат, одат со глава во ѕид, го слават секој гол, дека се чувствува таа позитивна енергија. Верувам дека секој во клубот денес е среќен и задоволен после ваква партија“, смета Чупиќ.
Сепак тој тврди дека не било така лесно на теренот како што покажува резултатот.
„Резултатот можеби дава таква слика, но натпреварот воопшто не беше лесен. Многу ги анализиравме и се подготвувавме сериозно. Заслужуваат огромен респект, не само од нас, туку од цела Европа. Пет бодови, победа во Тулуз, реми со Кристијанштад, двапати враќање од минус пет-шест гола…Знаевме дека не чека тежок ден. Фокусот беше на нашиот интензитет, агресивност и концентрација во сите 60 минути. Знаевме дека се млада екипа, дека тим што прима многу голови од транзиција психички паѓа. Така го приведовме и мечот кон крајот. Но дека беше лесно, ниту во подготовка, ниту на старт, ниту на терен – не беше“, заврши Чупиќ.
Последниот натпревар од групната фаза, Вардар ќе го одигра на домашен терен против францускиот Тулуз во вторник од 18:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.
























