Пелистерци го мачеа Вардар 22 минути, а потоа се си дојде на место

Младите битолчани го „држеа“ Вардар во неизвесност 20-тина минути, а потоа скопјани на искуство, поквалитетна клупа и концентрација до крај имаа водство и стигнаа до 13. триумф сезонава во првенството, 34-24 против Еурофарм Пелистер 2. Вардар го играше мечот порано, со цел да има повеќе време за подготовка за дуелот со Сесвете од Лига Европа кој е закажан за во вторник во Загреб.

Изненадување на средбата беше што во составот на Вардар ги немаше дел од најдобрите, и тоа тројцата „бомбардери, Малус, Борозан и Горига. Покрај нив на трибините останаа и Еспиња, Лазаревски, Кеита, Стаменковиќ. Без класичен бек шутер Вардр се мачеше да ја разбие одбраната на Еурофарм Пелистер 2, а и двете страни имаа многу грешки го играта.

Веќе после 10 минути игра при резултат 2-2 Иван Чупиќ побара минута одмор. Седморката што беше н атерен не го даваше она што тој го бараше. Во 13. минута Вардар поведе со 5-4, а потоа за четири минути гостите направија пресврт. Младите пелистерци поведоа со 7-5 заканувајќи се дека во Скопје се дојдени да се борат, и ако им се укаже шанса и да освојат бод(ови).

„Црвено-црните“ го имаа расположениот Васил Гогов кој во првото полувреме имаше девет успешни одбрани, меѓу кои и еден седмерец. Тоа тројно повеќе од колегите на спротивната страна.

Откако Дрогришки доби исклучување, Вардар намали на 6-7 а потоа Петар Марковски не реализираше пенал. Кавада од пенал беше „хируршки прецизен“ и израмни на 7-7. Гостите уште еднаш потоа израмнија, на 8-8, а потоа Вардар ја презеде иницијативата и водството. До крај ја зголеми разликата на 14-10, можеш и повеќе, но промаши Митровиќ, а во последните секунди Шулевски намали на 14-11.

За осум минути во второто полуврем Вардар веќе имаше предност од 20-14, како најава дека е скршен отпорот на гостите, и требаше само рутински да ги одиграат преостанатите 20-тина минути. Во 44 минута Марио Стојановски му донесе предност на Вардар од 23-16 што беше највиската разлика дотогаш на средбата.

Мигел Пинто од контра во 54 минута зголеми на 31-22, а во следниот напад и на 32-22. Можеше Вардар да заврши си со „плус 12“, но направија техничка грешка, а на спротивната страна Еурофарм Пелистер 2 со гол намали на конечни 34-24.

Марио Стојановски и Марек Марчинијак постигнаа по 6 гола, а Харуки Кавада и Мигел Пинто дадоа по 5 гола. Васил Гогов заврши со 14 одбрани.
Кај Еурофарм Пелистер 2 најпрецизен беше Бојан Гичев со 6 гола