Тимот на Бутел Скопје по три врзани порази посакува враќање на победничките патеки, а добра шанса за тоа ќе има во следниот натпревар против Радовиш.
Десното крило Стефан Зенговски, кој добива се поголема шанса во суперлигашкото друштво, ги сподели очекувањата од претстојната пресметка.
„За овој натпревар очекуваме сигурна победа, со агресивна одбрана и организиран напад да оствариме победа која ќе не поведе во следните неколку кола каде имаме поволен распоред. Секако дека не го потценуваме противникот, но ќе ја оправдаме фаворитската улога на теренот“, вели Зенговски.
Бутел Скопје во секоја сезона откако е во Супер лигата, се пласираше во разигрувањето за титулата, а и оваа сезона е на добар пат да го оствари истото.
„Неколку години наназад Бутел е меѓу првите шест екипи и оваа година борбата ќе биде тешка и неизвесна, а амбициите се секогаш да се бориме за што подобар пласман. Моите очекувања како млад играч да соберам што повеќе искуство и минутажа во првиот тим, а заедно со клубот да ги оствариме поставените цели пред стартот на сезоната“, заврши Зенговски.
Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Радовиш се игра утре во салата „Антон Димитров“ со почеток од 16:00 часот.
























