Ракометарите на Охрид уште еднаш покажаа дека се сериозен кандидат за врвот и шампионската титула во Македонија, откако на свој терен го надиграа комплетно „сино-белиот“ тим на Кирил Лазаров со 28-24. Се виде уште од стартот на мечот жарта во очите на „гладијаторите“ кои беа решени сезонава за првпат да победат некој од фаворитите и тоа го остварија доминирајќи во сите сегменти на играта, особено во првиот дел. Сега Охрид е на делбата на второто место со Еурофарм Пелистер со по 19 бодови, зад Вардар кој ги има максималните 22 бода и меч помалку.
На теренот од стартот до крајот водеа момците на Борис Ројевиќ. Тилен Стрмљан со 11 и Анте Иванковиќ со седум погодоци имаа гол-шоу, а ги оставија гостинските голмани Галевски и Кизиќ само на три одбрани за целиот меч. Од друга страна гостите имаа многу технички грешки во нападот и продадени топки, седум одбрани имаа Пилиповиќ и Блажески, па на крајот Охрид победи заслужено. Браќата Митеви – Марко (5) и Дамјан (6), отскокнуваа во гостинскиот тим.
Предводени од непогрешливиот Словенец, Тилен Стрмљан, охриѓани по 6-6 се одлепија на плус четири, 10-6, а кога Лазаров виде дека „ѓаволот ја однесе шегата“ мораше да бара тајм-аут. Го внесе во игра и Митев, но тоа не донесе некој плус за гостите од Автокоманда, туку напротив негативата се зголеми на шест гола, 17-11, откако Стрмљан даде гол во последните секунди.
„Сино-белите“ останаа и без еден од командантите во одбраната, Марко Стојковиќ, кој доби директен црвен картон од судиите поради остриот старт в лице над Анте Иванковиќ, а тоа создаде дополнителен проблем за гостите. На стартот на вториот дел тимот на Лазаров ја преполови набрзина негативата кога се разигра Марко Митев, а неговиот брат Дамјан беше непогрешлив од линијата од шест метри, па гостите намалија на 20-17.
Охриѓани имаа мала криза во нападот, момците на Лазаров стигнаа и до минус два, 22-20, но Иванковиќ со два гола и Савревски со голот против поранешниот тим за момент ја отстранија опасноста, 25-20, а на десетина минути до крајот домашните си ги вратија највисоките плус шест за мирна завршница. Блажески фати пенал, потоа влезе во серија и немаше веќе дилеми околу победникот на овој натпревар.
Во следното коло Охрид ќе гостува кај Струга во езерскиот двобој, додека „сино-белите“ од Автокоманда на домашен терен ќе играат против Тиквеш.

























