Данецот Николај Маркусен (37) објави дека тековната сезона ќе биде последна во неговата кариера.
Левиот бек на Холстебро, кој е дел од клубот од 2021 година, најави дека во јуни ќе стави крај на својата професионална приказна.
Иако во последните години е далеку од радарот на европскиот ракомет, Маркусен останува високо ценет во Данска, особено во својата сегашна средина, каде покрај играчката улога има и статус на ментор за младите ракометари.
Со своите импресивни 213 сантиметри, Маркусен беше еден од најмаркантните играчи на својата генерација. По блескавите настапи за Нордсјеланд, во 2011 година направи голем трансфер во Атлетико Мадрид, каде што беше соиграч на Кирил Лазаров.
Во тоа време важеше за едно од најголемите дански имиња, но конкуренцијата во репрезентацијата со Микел Хансен му ја ограничи можноста за подолг престој во националниот тим.
По распадот на Атлетико Мадрид, Маркусен се реши за авантура во Ал Џаиш во Катар, а овој потег што го оддалечи од европската сцена и репрезентативните повици.
По една сезона таму, играше за Силкеборг, каде мина пет успешни години, а потоа една сезона беше дел од унгарскиот гигант Веспрем пред да се приклучи на Холстебро.

























