„Јапонија ќе биде добар тест за нашите можности“

Maшката сениорска репрезентација на Македонија денеска се собра во рамките на ЕХФ неделата во која ќе бидат одиграни две пријателски средби.

Селекторот Кирил Лазаров направи две промени и на местата на Никола Митревски и Дејан Манасков, повик добија Марко Кизиќ и Петар Атанасијевиќ.

Лазаров смета дека Јапонија е одличен ривал за оваа фаза од подготовките за настапот на ЕП 2026 во Данска, Шведска и Норвешка.

„Натпреварот со Јапонија го договоривме уште во летниот период, таму селектор е Тони Херона кој ги водеше на Олимписките игри. Ми се допаѓа стилот на игра кој го има со брз и динамичен ракомет, ние во овие два натпревари ќе ги искористиме да пробаме некои работи кои ни недостасуваа во минатото и да се подготвуваме за уште едно големо натпреварување. Затоа сметам дека Јапонија противник по мерка. Ќе испробаме некои работи, ќе имаме и јасни цели на што мораме да внимаваме за да видиме до каде сме. Јапонија играше Олимписки игри и тоа е тоа ниво со кое се соочуваме на големите натпреварувања, нема да пробуваме нешто специјално, меѓутоа ќе дадеме шанса и на некои помлади ракометари. Деновите максимално ќе ги искористиме, ќе имаме шест тренинзи, два натпревари. Нема да бидат толку физички тешки, ќе бидеме насочени на детали”, изјави Лазаров.

Првиот натпревар против Јапонија Македонија го игра на 30 ноември во Автокоманда, додека вториот е закажан за 1 ноември во Куманово и ќе биде од отворен тип.