Сите фаворити со очекувани победи, 11 селекции веќе можат да прават планови за ЕП 2026

Второто коло од квалификациите за Европското првенство 2026 заврши минатиот викенд со 12 одиграни натпревари, по кои ситуацијата на табелите во групите почна полека да станува јасна.

Вкупно 11 репрезентации сега имаат по две победи од два натпревари и со тоа се најдоа во одлична позиција пред продолжението на квалификациите во март 2026 година, со оглед на тоа дека и третото место води на ЕП.

Повеќето натпревари завршија со очекуван исход, а Португалија и Исланд одиграа вистински трилер, во кој Исланѓанките повторно загубија со мала разлика, а Португалија се радуваше на првите бодови со резултат 26-25.

Хрватска го забележа својот втор триумф, совладувајќи го Косово со 32-22, а мечот беше посебен бидејќи претставуваше последен настап за репрезентацијата на Ана Дебелиќ, најдобриот пивот од ЕП 2020. Со овој резултат, Хрватска и Франција сега се на врвот на групата 1 со по четири бода.

Групата 4 е најизрамнета во квалификациите – во првите две кола се одиграа три многу тесни натпревари. Во неделата, Португалија ја впиша првата победа, токму во таа група, совладувајќи ја Исланд со минимална разлика.

Белгија, Литванија, Финска и Израел постигнаа само по седум голови во првите полувремиња на своите натпревари во второто коло.

Белгиската ракометарка Неле Антониссен постигна повеќе од половина од вкупниот број голови на следниот ривал на Македонија – 11 од вкупно 21 во поразот на Белгија од Германија со 21-40.

Иако се одиграни само две кола, плановите за ЕП веќе можат да ги прават Франција, Хрватска, Швајцарија, Холандија, Германија, Словенија, Црна Гора, Шведска, Србија, Шпанија и Австрија.

Европско првенство 2026, квалификации, резултати:

група 1
Финска – Франција 15-32
Косово – Хрватска 22-32

група 2
Италија – Швајцарија 25-37
Босна и Херцеговина – Холандија 19-39

група 3
Белгија – Германија 21-40
Македонија – Словенија 20-28

група 4
Португалија – Исланд 26-25
Фарски Острови – Црна Гора 26-32

група 5
Литванија – Шведска 20-41
Украина – Србија 23-34

група 6
Израел – Шпанија 22-38
Грција – Австрија 22-29