Добро прво, ептен лошо второ полувреме и нов пораз за Македонија

Женската репрезентација на Македонија загуби вторпат во квалификациите за ЕП 2026 година, овојпат од Словенија со 28-20. И покрај одличниот прв дел, и покрај одличната Петковска на голот, сепак Македонија ќе мора да почека до март следната година за прва радост во овој циклус. Постот од 13 минути без гол во средината на вториот дел, многуте промашувања ја чинеа Македонија нов висок пораз.

Словенките отворија подобро, со водство од 2-0 и 3-1, а голманката Војновиќ имаше свои моменти на словенечкиот гол. На македонската страна се разбрани Петковска, асистенциите на пивот поминуваа без особени проблеми и избраничките на Грчевски се вратија во игра, а дури и поведоа со 4-3.

Имаа нашите ракометарки шанса и за плус два, но не беше искористена, па се продолжи со играта гол за гол. Во финишот на полувремето гостинките ја преземаа контролата и водеа со 12-10, но Гугуљанова се погрижи за минус еден на паузата, иако имавме напад и за реми.

Македонија – Словенија

Второто полувреме го отворивме со голот на Дамјаноска за 12-12, а Петковска продолжи да брани во одлична форма. Сепак тоа не беше доволно, па по две грешки во нападот за првпат Словенија поведе со плус три, 20-17, пред Јанкуловска да врати набрзина со погодок.

Клучниот период се случи меѓу 40 и 50 минута, кога македонската одбрана се распадна и примавме лесни голови. Промашија сестрите Јанкуловски, потоа згреши Арсениевска, па нови промашувања од Младеновска и Гугуљанова, а за тоа време Словенките постигнаа дури шест голови и беше 27-18.

Постот од 13 минути без погодок го прекина Седлоска во 55 минута, но немаше ниту време ниту сили за некаков камбек и на крајот Словенките само рутински ја одработија завршницата на мечот. Петковска беше одлична со 12 одбрани, четири гола даде Арсениевска, а Ангела Јанкуловска постигна три.

Следен предизвик за Македонија ќе бидат двете средби против Белгија во март 2026 гоина, кои мора да ги добие за да остане во трка за место на ЕП 2026.