Македонија одигра драматично реми со Србија и заврши трета на „Трофеј Карпати“

Машката кадетска репрезентација на Македонија иако водеше во два наврати со шест гола против Србија, на крајот одигра само реми, 28-28 и го освои третото место на „Трофеј Карпати“ поради послаба гол-разлика (Македонија -4, Србија -2).

Полска е прва без разлика на исходот од дуелот со Романија, додека домаќинот ќе заврши последен. Нашите ракометари имаа шанса да постигнат победнички погодок на десетина секунди до крајот, но беше направена грешка и мечот заврши реми.

По нерешените 3-3, Македонија почна да ја гради предноста, која во еден момент беше и пет плус во првиот дел, 12-7, но на пауза избраниците на Горан Кузманоски водеа со 14-10.

Како што го завршија првото, така македонските кадети го почнаа второто полувреме и во два наврати имаа водство од шест гола разлика, 18-12, 19-13. Но следуваше гол пад во играта по ротациите во македонскиот состав.

Србија полека ја стопи разликата и на петнаесетина минути до крајот беше нерешено, 21-21. Потоа за момент преку Ѓорѓиески и Ѓорѓиевски, Македонија поведе со два гола, 23-21, па Дамчевски зголеми на 26-24 со еден проектил.

Ниту тоа не беше доволно, беше промашен пенал, па Србија направи комплетен пресврт и поведе со 28-27. Ривалот погреши, казни Ѓорѓиески од крило, пa српскиот селектор повика тајм-аут.

Одново погрешија неговите момци, останаа уште петнаесетина секунди, Македонија тргна во напад, беа досудени чекори и немаше време за нешто повеќе, па мечот заврши нерешено, што и одговараше на Србија за да биде втора.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Ѓорѓиевски со седум гола, како и Ѓорѓиески, Поповски и Поповски со по шест погодоци, додека четири пати стрелаше Вујичевски.

Овие три меча со Полска, Романија и Србија беа главни тестови пред пресметките со Луксембург, Финска и Грција од квалификациите за ЕП 2026 што ќе се играат од 31 октомври до 2 ноември во Луксембург.