Се комплетираа патниците во третата рунда – историја за Луксембург, драма во Драма, пенали во Будва…

Изминатите десетина дена се одиграа сите натпревари од второто коло на ЕХФ Европскиот Куп, а на крајот 32 тима обезбедија место во следната рунда. Единствен македонски претставник остана екипата на Охрид која утре ќе го чека новиот ривал.

Грчката Драма приреди вистинско чудо на домашен терен. По поразот од пет гола во првиот меч против Ловќен, Драма направи комплетен пресврт и со победа од 31-23 го елиминира црногорскиот состав. Херој на натпреварот беше Константинос Коционис, кој одигра перфектен меч со 11 гола од 11 обиди.

Луксембуршкиот ракомет го запиша најголемиот успех во својата историја — три клуба се најдоа меѓу најдобрите 32. Дуделанж по елиминацијата на Бутел, го елиминира и косовоскиот Раховеци, а му се приклучија Диферданж и Берхем. Ваков подвиг три екипи од Луксембург последен пат имале во 2017/18.

Швајцарскиот Сур Арау на Мартин Поповски одигра реми 28-28 со некогашниот европски првак Металопластика, но понатаму оди благодарение на гостинската победа 30-28 од првиот меч. Најрасположени беа Никос Сарлос и Давид Кнежевиќ, кои заедно постигнаа 14 гола.

По поразот во Норвешка 32-20, најголемиот фаворит за пехар, унгарската Татабања, одговори на најдобар можен начин. На домашен терен го декласира норвешкиот Нербо со 33-27, откако уште на полувреме водеше со убедливи 19:12. Голманите Мартон Секељ и Аријан Андо имаа заедно 14 одбрани (34%) и беа меѓу клучните фигури.

Во еден од највозбудливите дуели, Будванска Ривиера и Диомидис Аргус одиграа двомеч кој заврши со пенали. Црногорците победија со 30-28 во првиот меч, Грците возвратија со 32-30, а на крај домаќините беа посмирени во пенал-рулетот (8:7) и славеа со вкупен резултат 68-67.

Чешката Карвина го сврте поразот од првиот меч против Динамо Панчево во голема победа на домашен терен со 33-25. Денис Харабиш со девет и Војтех Правишка со осум гола беа најзаслужни за успехот, додека мечот го обележаа и три црвени картони – Јан Узек, Војтех Пацел (Карвина) и Илија Богдановиќ (Динамо Панчево).

Понатаму продолжуваат српската Војводина, словенечкиот Тримо Требње, грчкиот ПАОК, унгарскиот Балатонфуреди, турскиот Бешикташ…

По возбудливото второ коло, 32 екипи остануваат во битката за европскиот трофеј. Натпреварите од третата рунда ќе се играат во ноември, кога ќе продолжи патот кон трофејот, кој минатата сезона го освоија „сино-белите“ од Автокоманда.