Наместо кафе на „Широк Сокак“ – дојди во сала и бодри ја Македонија! 🇲🇰

Битола повторно ќе биде дом на македонскиот ракомет! Женската репрезентација на Македонија на 19 октомври ќе ја пречека Словенија во рамките на квалификациите за Европското првенство 2026, а натпреварот ќе се игра во добро познатата арена – „Боро Чурлевски“.

По одличната атмосфера на последните натпревари, ракометарките на селекторот Кристијан Грчевски се надеваат на уште една вечер исполнета со енергија, аплаузи и навивачка поддршка. За да им помогне на трибините да бидат полни, Ракометната федерација на Македонија направи популарен потег – влезниците чинат само 100 денари! 🎟

Продажбата започна денес преку мрежата на „mktickets.mk“ – онлајн и на сите продажни места низ државата.

Пред натпреварот во Битола, македонските ракометарки ќе гостуваат на Германија (16 октомври), а потоа ќе се обидат да дојдат до првата домашна победа во новиот квалификациски циклус.

Затоа – наместо кафе на „Широк Сокак“, земи шал, повикај друштво и дојди во салата „Боро Чурлевски“ да ја бодриш нашата репрезентација!

Битола повторно ќе дише ракомет – и тоа во црвено-жолти бои. ❤️💛