Новото коло од пионерската женска лига не донесе изненадувања – фаворитите сигурно ги запишаа бодовите, а Јехона ја запиша првата победа во сезоната.
Актуелниот шампион Ѓорче Петров без многу мака славеше на гостувањето во Штип кај Астибо со 31-16. Ивана Глогуновска беше најефикасна кај гостинките со осум погодоци, еден помалку реализира Деспина Станковска. За домаќините, Ана Марија Накова со девет гола беше најдобар стрелец.
Илинден Вардар ја оствари својата втора сезонска победа, совладувајќи го Спартак со убедливи 23-14. Најпрецизна во редовите на победничкиот состав беше Јована Митревска со седум погодоци, а Андреа Велковска постигна пет. Кај поразените, Катарина Ракиќ беше единствено расположена со осум погодоци.
На свој терен, Јехона дојде до првата победа во сезоната, совладувајќи го Шампион со 18-11. Домашниот состав го предводеа Монера Муслиу и Бленда Абдулаи, кои заедно постигнаа 13 погодоци.
Металург Автокоманда продолжува со максимален ефект, совладувајќи го Кале Кичево со убедливи 33-16. Кадетската репрезентативка Евгенија Смиљковска, реализира осум гола и повторно блесна во дресот на домашниот тим. Кај гостинките, најпрецизна беше Ана Марија Стојоска со пет погодоци.
Вардарки имаат три победи на три меча, а предводени од Варвара Атанасовска со седум погодоци, славеа на гостувањето кај Охрид со 18-11. Кај домаќинките, исто толку голови реализираше Исидора Маџар.
Чаир, исто како и Ѓорче Петров, Металург Автокоманда и Вардар има три од три, откако на домашен терен направи пресврт во второто полувреме и мораше да се помачи за да ја совлада Струга со 16-14. Предводничка во победничкиот тим беше Ѓелза Дарлишта со седум гола, а за гостинките Елена Ѓонеска стрелаше четири пати.
Пионерки, 3 коло, резултати:
Охрид – Вардар 11-18
Илинден Вардар – Спартак 23-14
Јехона – Шампион 18-11
Aстибо – Ѓорче Петров 16-31
Чаир – Струга 16-14
Металург Автокоманда – Кале Кичево 33-16