Во Битола без најдобрите: Познат составот – Станко и Зулиќ нема да играат за Словенија

Селекторот на женската репрезентација на Словенија, Драган Аџиќ, го објави списокот на ракометарки за стартот на квалификациите за ЕП 2026 и дуелите против Белгија во Копер и Македонија во Битола.

На неговиот список се најде и најдобрата ракометарка од бековската линија – Тјаша Станко од Ѓер, но таа нема да заздрави навреме, откако имаше скршеница на дланката. Таа ќе биде дел од тимот, но нема да настапи.

На списокот ја нема уште една од искусните ракометарки – Нина Зулиќ од Крим, која побара да добие повеќе време со семејството, откако неодамна стана мајка.

Аџиќ има на списокот 19 ракометарки. Левиот бек Ема Хрватин има проблеми со повреда на стапалото и не е уште познато дали ќе биде спремна, а дебитантка во составот е голманката од Литија, Лана Петек.

„Белгија е релативно непозната селекција, но успеавме да собереме материјали и да се подготвуваме за нив. По мечот во Копер, не чека тежок дурл во Битола, ќе бидеме ослабени, но тренираме од септември со овој ростер. Мораме да играме одлично ако сакаме да се пласираме на ЕП 2026“, изјави Аџиќ.

Словенките стартуваат со дуел во Копер на 16 октомври, а потоа ги чека гостување во Битола кај Македонија на 19 октомври со почеток од 18:00 часот во салата „Боро Чурлевски“.

Во квалификациската група е уште селекцијата на Германија. Пласман на ЕП 2026 обезбедуваат двете најдобри во групите, како и најдобрите четири третопласирани од шесте квалификациски групи.