Грција со триумф на стартот на „Трофеј Македонија“

Селекцијата на Грција стартуваше со победа на „Трофеј Македонија“ во Охрид, откако славеше против учесникот на претстојниот Мундијал, Египет, со 25-22. Јужниот сосед на Македонија долго се мачеше да го скрши отпорот на африканскиот ривал, па тоа им успеа дури во последните десетина минути.

Во првото полувреме Гркинките имаа големи проблеми да ја задржат најдобрата египетска ракометарка Гадала, која им даде дури осум голови, а најчесто се играше гол за гол.

Јужниот сосед во два наврати поведе со два гола, но таквата предност ја губеа набрзина. Во псоледната секунда пред паузата, Грција преку најискусната Цакалу успеа да погоди и да замине со водство, 13-12.

Второто полувреме беше полно со грешки на двете страни, двајцата селектори ротираа многу од ракометарките, а клучната разлика Гркинките ја направија на десетина минути до крајот кога стигнаа до 20-17.

Капитенот на Грција, Кепесииду, имаше одлична партија на голот во вториот дел и не дозволи да бидат казнети грешките на нејзините колешки. Во последните пет минути Гркинките имаа две ракометарки помалку на теренот, но тоа не беше проблем бидејќи Зенели даде клучен гол за 22-19.

Во вториот натпревар од денешната програма на „Трофеј Македонија“ ќе играат домаќинот и Тунис од 20:30 часот.