Грчевски: Дуелите во Охрид се од големо значење, ќе бидат добра увертира за квалификациите за ЕП

Женската сениорска репрезентација на Македонија од денеска го започнува настапот на „Трофеј Македонија“ каде што ќе одигра три натпревари против две африкански селекции – Египет и Тунис, и една европска – Грција.

Селекторот Кристијан Грчевски, вели дека настапот на овој турнир ќе биде од големо значење и добра увертира пред тоа што ја очекува репрезентацијата – квалификациите за ЕП 2026.

„После долги години, повтрорно се одржува тирнирот „Трофеј Македонија“. Навистина можам да кажам дека тоа за нас е шанса да пробаме да го освоиме и да биде една добра увертира за она што не очекува во текот на цела сезона, а тоа се кфалификациите за ЕП 2026“, вели Грчевски.

На овој собир ги нема искусните ракометарки како Ѓорѓиевска, која сега е во стручниот штаб, потоа Јована Саздовска и Симона Маџовска, кои ги завршија кариерите. На списокот не се најдоа ниту Сара Ристовска, Драгана Петковска, Јована Мицевска…

„Оваа репрезентација е со изменет состав за разлика од она што беше на последниот кфалификациски собир, односно за бараж натпреварите со Полска. Некои од играчите се опростија од репрезенативниот дрес, а некои поради повреди не се во можност да бидат дел од овој состав. Има доста младински репрезентативки кои ќе добијат шанса и се надевам дека ќе ја искористат како што треба…Овие натпревсри се од големо значење за нас, што значи еден вид воигрување за натпреварите со Германија и Словенија како дел од кфалификациите за ЕП 2026“, продолжи Грчевски.

Тој вели дека зенитот на оваа нова генерација би требало да биде за неколку години.

„Како што кажав, неколку ракометарки веќе се повлекоа од репрезентацијата и на нивно место се младински репрезентативки кои полека треба да растат и да созреваат заедно со оние кои се веќе стандардни. Се надевам дека за околу три до пет години оваа репрезетнација ќе почне да покажува навистина позитивни и високи резултати и дека сите ќе бидеме задоволни од нашите девојки“, заврши селекторот.

Натпреварите против Тунис и Египет, Македонија ќе ги игра од 20:30 часот, денеска и утре, додека последниот меч со Грција е в сабота од 16:30 часот.

Влезот за сите љубители на ракометот во СЦ „Билјанини Извори“ е слободен.