Женската сениорска репрезентација на Македонија ќе има три проверки на „Трофеј Македонија“ пред стартот на квалификациите за ЕП 2026 во октомври.
Селекторот Кристијан Грчевски за овој собир ќе смета на 20 ракометарки, нема да играат искусните Сара Ристовска, Драгана Петковска, Јована Мицевска…а шанса ќе добијат дел од младите ракометарки од домашното првенство.
Меѓу повиканите има и осум интернационалки, кои имаа настапи за своите клубови низ Европа.
Ангела Јанкуловска не се запиша во листата на стрелците на мечот меѓу нејзината Славија Прага во регионалната МОЛ лига против словачката Јувента Михаловце, а ист беше случајот и со Ива Младеновска во триумфот на нејзиниот Безансон против Стразбур.
Моника Јанеска Килдан даде три погодоци во поразот на нејзиниот Трабзон Ортахисар од Ускудар со 30-29, додека Андреа Седлоска постигна еден погодок во триумфот на Локомотива Загреб против Зрињски со 41-19.
Ивана Џатевска и Јована Кипријановска имаа значајна улога во домашната победа на нивниот Сомбатељ против Козармислењ. Кружниот напаѓач даде два гола од два обиди, а десниот бек имаше три од пет.
Во Полска се играше македонски двобој меѓу Кобержице на Ивана Гакидова (еден гол) и Кошалин на Ивана Арсениевска (три гола), кој го доби домашниот тим.
Останатите 12 репрезентативки кои доаѓаат од домашните клубови Ѓорче Петров, Вардар, Металург Автокоманда и Атлетик, имаа настапи во Супер и Првата женска лига.