Некогаш најдобриот ракометар на светот, олимписки победник и светски првак, а денес врвен тренер – тоа е Талант Душебаев, човекот кој зад себе остави трага каква што малкумина можат да се пофалат.
Роден во Киргистан, израснат во Русија, а со играчка кариера во Шпанија, Душебаев е вистинска ракометна легенда. Долго време беше предводник на полскиот Келце, но неговата животна приказна е полна со искуства што би можеле да бидат сценарио за филм.
„Се сеќавам на 1986 година, кога служев војска. Една зима ме пратија во Сибир во обична воена база. Бев преплашен. Патував три дена со кочија, а кога стигнав – каде и да погледнев, само снег и тајга. За среќа, таму останав само неколку дена, потоа ми рекоа да се враќам во Москва. Тоа беше огромно олеснување,“ открива Душебаев во интервју за „Брз Центар“.
Иако зад себе има олимписко злато (Барселона 1992), титула европски првак со Тека Сантандер, три титули во Лига на шампиони со Сиудад Реал и уште една со Келце, Душебаев останува скромен и вистински работник.
„Мојата најголема енергија е спиењето. Некој се освежува со кафе, друг со чај – јас со сон. Знам да спијам и по 17-18 часа. Кога бев млад, дури спиев стоејќи во московското метро држејќи се за рачка,“ раскажува тој со насмевка.
Во детството, пак, искусил и тешка работа.
„Кога имав 12 години, цела недела садевме елки на една планина. По 24 дрва секој ден. Лежев вечерта изморен, со плускавци на рацете. Но, на крајот добив 100 рубљи – богатство за тогашно време. Со нив купив подароци за целото семејство.“
Освен што зборува киргиски, руски, шпански и полски, Душебаев поминал и неколку години во Германија каде што совладал и германски. Но, признава – „мислам на руски, соништа сонувам на руски, книги и филмови – сè е на тој јазик“.
Душебаев има два сина – Алекс и Даниел, двајцата исто така врвни ракометари. Постариот Алекс настапуваше и за Вардар, а токму таму научил и по некој збор на руски благодарение на друштвото со Дибиров, Чипурин и останатите.
Иако живеел во неколку земји, самиот вели: „Земјата во која се родив – Советскиот Сојуз – одамна не постои. Затоа јас сум граѓанин на светот. Најважно ми е покрај мене да е семејството и да имам добри услови за работа. Сè друго е споредно.“
Легенда и како играч и како тренер, Душебаев и денес со својот авторитет и искуство е еден од највлијателните луѓе во светскиот ракомет.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























