Еден од најстабилните суперлигаши во Македонија е Бутел Скопје, тим кој во 2017 година по една сезона во прволигашката конкуренција, влезе во елитната и секогаш е меѓу најдобрите шест екипи.
Тимот на Горан Кузманоски по борбеното реми со Раднички Крагуевац и по пресврт победата над големиот ривал Тиквеш обезбеди место во финалето на традиционалниот Струшки турнир.
Иако досега има освоено едно трето место во Струга, Бутел Скопје за првпат ќе игра во финалето и ќе се бори за трофеј. Претседателот на клубот Бојан Спасовски е задоволен од сработеното на Струшкиот турнир.
„Навистина е големо задоволство што по толку години стабилност во Супер лигата, конечно сме во позиција да се бориме за трофеј. Турнирот во Струга има посебно значење – не само како подготовка, туку и како можност да се измериме со квалитетни екипи пред почетокот на сезоната. Финалето е награда за трудот на играчите и стручниот штаб, но и поттик да влеземе самоуверено во новата сезона“, вели Спасовски.
Противник на бутелци ќе биде составот на Охрид, кој ја има фаворитската улога, не само поради поголемото искуство, туку и поради многуте засилувања.
„Ние го респектираме тимот на Охрид – вложуваат многу, имаат квалитетна екипа и се фаворити на хартија. Но, ние не влегуваме во финалето како статисти. Имаме тимска хемија, млади играчи со огромна желба и искусни поединци кои знаат како се играат вакви натпревари. Ќе дадеме сè од себе, и ако се поклопат работите на терен, зошто да не направиме изненадување“, продолжи Спасовски.
Бутел донесе петмина нови ракометари пред новата суперлигашка сезона.
„Нашата стратегија секогаш била да градиме тим со перспектива, не само за една сезона. Трајкоски ќе донесе стабилност и искуство на голманската позиција, а младите засилувања веќе покажуваат дека се вистински погодок. Веројатно ќе имаме уште едно или две засилувања доколку се отвори простор, но генерално сме задоволни од ростерот. Веруваме во потенцијалот на оваа екипа“, продолжи Спасовски.
Тимот досега во сите суперлигашки сезони успеваше да обезбеди место во разигрувањето за титулата.
„Конкуренцијата навистина расте, што е добро за македонскиот ракомет. Наш примарен таргет е повторно влез во плеј-оф и да останеме меѓу најдобрите. Но, не застануваме тука – сакаме да бидеме сериозен конкурент, да напредуваме и да направиме чекор повеќе од претходните сезони. Ако младите се адаптираат брзо и останеме здрави, мислам дека можеме да изненадиме од фаворитите.
Пред стартот на Супер лигата, Бутел ќе стартува на европска сцена со гостување кај Дуделанж во Луксембург.
„Ова е наш четврти европски настап, и веруваме дека сега сме најподготвени досега. Имаме добра анализа на противникот, знаеме што не чека и ќе се обидеме максимално да се фокусираме на двомечот. Сакаме да поминеме во второто коло тоа е желба наша – тоа би било огромен успех за клубот. Сè ќе дадеме за да го минеме тоа прво коло, иако нема да биде лесно Дунделаж е екипа со традиција и најмалку наивна екипа без разлика што доаѓа од Луксембург“, заврши Спасовски.
Финалниот натпревар меѓу Бутел Скопје и Охрид се игра вечерва на игралиштето „Горан Попоски Бабец“ покрај Женската плажа во Струга со почеток во 20:45 часот.