Пуљезевиќ нов тренер на голманите во Мешков Брест

Белорускиот вицепрвак Мешков Брест го засили својот стручен штаб со ново звучно име. Како што соопшти официјалниот клупски сајт, Ненад Пуљезевиќ е нов тренер на голманите во тимот на Едуард Кокшаров.

Пуљезевиќ е родум од Белград и поседува двојно државјанство – српско и унгарско. Има богата играчка кариера зад себе – настапуваше за Црвена Звезда, Партизан и Колубара во Србија, Ловќен во Црна Гора, потоа дури седум сезони за унгарскиот ПИК Сегед, како и пет години во Германија каде ги бранеше боите на Хановер и Хутенберг. Исто така, има играно и за швајцарскиот Шафхаузен.

Тренерската кариера ја започна во Хановер, а потоа работеше во Шафхаузен како тренер на голмани на првиот тим и во младинската академија. Во Дансенберг беше и главен тренер и тренер на втората екипа, а во Партизан работеше со голманите.

Од 2019 до 2024 година Пуљезевиќ беше дел од катарскиот Ал Араби, каде освен како тренер на голмани, повремено ја извршуваше и функцијата главен тренер. Со тимот го освои титулата во Лигата на шампионите на Азија (2019/20), како и националниот шампионат на Катар, два Купа на Катар и два Купа на Емирот. Последната сезона пред доаѓањето во Брест ја мина во Црвена Звезда.

Со вакво искуство и репутација, Мешков Брест добива значајно засилување во стручниот штаб, особено во делот на работа со голманите, кои и оваа сезона ќе бидат клучни за амбициите на клубот во домашното првенство и СЕХА лигата.