Повеќе од 10.000 навивачи присуствуваа на прошталниот натпревар на легендарниот кружен напаѓач Патрик Винчек, кој официјално стави крај на професионалната кариера. Германецот со полски корени многу ракометари не го паметат по добро, бидејќи не ги штедеше во играта во одбрана.
Натпреварот се одигра во пријателска атмосфера, каде што екипата на 36-годишниот Винчек славеше над Кил со резултат 33:28. Германскиот репрезентативец не пропушти да се запише и на листата на стрелци – го заврши натпреварот со десет погодоци.
Винчек е еден од најтрофејните ракометари на Кил. За клубот одигра вкупно 659 натпревари и постигна 1.592 гола. Во својата богата кариера шест пати ја освојуваше Бундес лигата, пет пати го подигнуваше трофејот во Купот на Германија, а во 2020 година триумфираше и во Лигата на шампионите.
Како член на германската репрезентација, Винчек се закити и со бронзен медал на Олимписките игри во Рио де Жанеиро 2016.
Прошталниот натпревар претставуваше емотивен момент за клубот, навивачите и самиот играч, кој се збогува со ракометот како вистинска икона на Кил.