Од врвот до ликвидација: Нант oди под стечај!

Францускиот женски клуб Нант стави крај на своето професионално делување. Поради тешка финансиска криза, клубот поднесе пријава за стечај, а само аматерската секција ќе продолжи да функционира следната сезона.

На 2 јули, претседателот Паскал Жанти официјално ја потврди веста која долго се навестуваше – клубот веќе не може да ги исполни своите обврски, ниту кон играчите, ниту кон доверителите.

Нант кој во сезоната 2023/2024 заврши како третопласиран во првата лига, претходно освои и трофеј во Лигата на Европа, беше административно префрлен во Втората лига поради финансиски проблеми.

Сѐ започна со повлекувањето на главниот спонзор во летото 2023, што создаде финансиска дупка што клубот никогаш не успеа да ја надмине. И покрај напорите на локалните власти и обидите да се собере буџет од 1 милион евра, плановите за спас не се реализираа.

Во меѓувреме, Нант дури и најави амбициозен трансфер-пазар за сезоната 2025/2026, со осум засилувања, иако финансиската состојба веќе беше алармантна.

Ниту кампањата за донации во јуни не даде резултат – од потребните 57.000 евра беа собрани 40.000, кои сега ќе им бидат вратени на донаторите.

Претседателот Жанти, кој се залагаше за враќање на клубот во елитната лига, го најави своето заминување, а судот ќе одлучи за иднината на клубот на 29 јули. Се очекува ликвидација, иако формално постои можност и за судска реорганизација.

И додека професионалниот женски ракомет во Нант исчезнува, аматерскиот дел со околу 400 регистрирани членови ќе продолжи, веројатно од Третата или Четвртата лига, во зависност од одлуката на Федерацијата.