Првиот ден од месец јули беше последниот ден за пријавување на екипите во сите конкуренции за натпреварувањата под капата на Ракометната федерација на Македонија.
Прволигашката конкуренција во наредната сезона би требало да брои 14 екипи, а меѓу пријавените нема нови екипи. Но нов ќе биде системот на натпреварување и нема да се игра по групи, односно плеј-оф и плеј-аут.
Во споредба со ланската сезона, тимот на Еурофарм Пелистер 2 се пласираше во Супер лигата, а нема да играат ниту екипите на Кичево и Металург РА, додека сите останати 14 екипи се пријавија на новата сезона.
Ќе се игра по системот секој со секого, вкупно 26 натпревари во сезоната, а првакот ќе се пласира во елитната конкуренција, додека второпласираната екипа ќе игра бараж со екипата што ќе заврши претпоследната во суперлигашкиот плеј-аут.
Деталите за распоредот на натпревари и стартот на сезоната во прволигашката конкуренција, дополнително ќе бидат познати.