Трета сезона по ред специјализираниот сајт за ракомет „24Ракомет“ го избира иделаниот тим на сезоната во Женската лига, во гласањето во кое учествуваат читателите и редакцијата на 24Ракомет.
Покрај изборот на најдобрите во Супер машката лига, традицијата на изборот на АLL STAR тимот во Женската лига продолжи и оваа сезона по третпат.
Сакавме да им дадеме дополнителен мотив на оние што во текот на сезоната макотрпно тренираа, се бореа и напредуваа. На оние кои придонесоа нивниот тим да биде меѓу најдобрите, а тие се профилираат во алката кој е важна во нивниот тим.
Интересот за Женската лига расте од година во година, а доказ за тоа е што во 11. категории за кои можеше да се гласа беа забележани повеќе од 109.264 гласови.
По одиграни 30 натпревари, ако тимот на Ѓорче Петров доминираше и ја освои двојната круна, до последните кола беше неизвесно кој ќе биде вицепрвак и за разликата од минатата сезона, Металург Автокоманда и Чаир ги заменија позициите.
Ѓорче Петров, кој ја освои двојната круна, во АLL STAR тимот има четири нивни ракометарки, три се од вицепрвакот Металург Автокоманда, а по две доаѓаат од Вардар и Чаир.
Во однос на лани, само една ракометарка (Катерина Дамјаноска) повторно се најде меѓу најдобрите и оваа сезона. И тренерот на шампионот Ѓорче Петров, Симе Симовски повторно е тренер на сезоната.
Во изборот на ALL STAR тимот на сезоната учествуваа читателите на 24Ракомет кои можеа да гласаат за една од предложените пет ракометарки, исто како и сите новинари на редакцијата на 24Ракомет.
По сумирањето на резултатите, ги прогласуваме најдобрите седум ракометарки, заедно со најдобриот дефанзивец, млад играч и тренер, како и ракометарката што беше Фактор X на некој од натпреварите.
ALL STAR тим на сезоната 2024/2025
ГОЛМАН – Флавија Лима Габина (Ѓорче Петров)
ЛЕВО КРИЛО – Леона Миленкоска (Вардар)
ЛЕВ БЕК – Марија Јанкуловска (Металург Автокоманда)
СРЕДЕН БЕК – Бојана Коцева (Металург Автокоманда)
ДЕСЕН БЕК – Теодора Дукоска (Чаир)
ДЕСНО КРИЛО – Ана Вранчиќ (Ѓорче Петров)
ПИВОТ – Катерина Дамјаноска (Ѓорче Петров)
ТРЕНЕР: Симе Симовски (Ѓорче Петров)
ДЕФАНЗИВЕЦ – Габриела Величковска (Чаир)
МЛАДА РАКОМЕТАРКА – Мила Ристовска (Вардар)
ФАКТОР X – Исидора Котевска (Металург Автокоманда)
Им честитаме на победниците.