Мароко ги казни грешките на Македонија за нов мундијалски пораз

Машката младинска репрезентација на Македонија загуби од селекцијата на Мароко со 30-26 во натпревар од Президент Купот на Светсткото првенство во Полска. Сега останува мечот со Мексико од групата 3, по што ќе разигруваме за пласман од 25 до 32 место в четврток и петок.

Брестовац фати неколку топки на стартот, но и противничкиот голман имаше три интервенции, па се играше гол за гол до 5-5. Мароко казни две наши грешки за првпат плус два, 7-5.

Постот од пет минути без гол го прекина Калајџиески, но во еден момент Мароканците отидоа и на плус три, 10-7, додека нашите момци се „бараа“ во нападот. Карасманакис со двата гола по ред успеа да намали негативата, 10-9.

Селекторот Стојановиќ беше лут на своите избраници, па заигравме подобра одбрана, Брестовац одново одбрани и за кратко се вративме во егал, 12-12, а имавме шанса да поведеме.

Не беше искористена, казната стигна, а по уште едно промашување, примивме гол од голема далечина за 14-12 на паузата. На стартот на вториот дел се повтори истата приказна, се врати Македонија во егал, 14-14, промаши напад за водство и противникот направи предност од два гола, 16-14.

Белистојаноски искористи две грешки за реми, 16-16. Галевски одбрани пенал, потоа и уште еден шут, но се реванширавме со две грешки, па повторно бевме во минус, 21-19.

На десет минути до крајот негативата беше три гола, 23-20, па Стојановиќ повика тајм-аут. Не се промени многу во играта на Македонија и Мароко ги казнуваше сите грешки за плус четири, 24-20.

Пробавме и со пресинг, но ниту тоа не донесе резултат, Мароко отиде на 27-22 и веќе беше јасно каков ќе биде крајот. Утре од 14:00 часот следува натпреварот со Мексико, среда е слободен ден, пред последните два меча за конечен пласман.

Македонија:
Брестовац, Белистојаноски 5, Галески, Шулески 2, Стојановски, Димковски, Петковски, Карасманакис 4, Субашевски, Димевски, А. Стојановски 5, Михајловиќ, Калајциески 3, Д.узунчев 6, Глигоров 1, дамјановски 1