Чупиќ: Не можев да го одбијам повикот од Вардар

Хрватска легенда Иван Чупиќ се враќа во Вардар, но како тренер. По завршувањето на играчката кариера, Чупиќ беше дел од стручниот штаб во Загреб како асистент, а минатата сезона го водеше Метковиќ и му обезбеди опстанок.

Чупиќ не го криеше задоволството од враќањето во Скопје, но сега ќе има поинаква улога во „црвено-црниот“ состав.

„Благодарност до клубот Метковиќ, кој ми даде шанса минатата сезона да собирам искуство тренерско, но кога дојде повик од Вардар, тоа е мојот друг дом, не можев да одбијам ниту да размислувам. На клубот, на претседателот сум благодарен на оваа шанса, многу сум горд. Знаете што за мене значи Вардар, Скопје, Македонија, Комити, нема да се повторувам за таа приказна. Можам да ветам дека целата моја екипа следната сезона мора да има голема одговрност и дека мора да бидеме почестени што сме дел од ваков голем клуб како Вардар. Со мојот стручен штаб сакам да им го пренесам на играчите што значи да се биде дел од Вардар. Тоа ќе го почнеме уште од првиот ден, Вардар е поголем клуб од сите нас. Со голем ентузијазам и голема желба сакам да ги оствариме сите цели што стојат пред нас и ветувам дека сите ќе го ставиме Вардар пред себе и ќе работиме да ја вратиме титулата по три сезони. Горд сум што ќе работам во ваква лига, за мене притисокот е добра работа“, изјави Чупиќ.

Тренер на голманите ќе биде Марио Келентриќ, додека дополнително ќе биде решено кој ќе му биде асистент на Чупиќ.

Замина како играч, се врати како тренер: Иван Чупиќ ќе го води Вардар!