Тимот на Бутел Скопје во новата сезона ќе биде посилен за грузискиот репрезентативец Давид Гришикашвили, кој се обврза на договор од три сезони.
Станува збор за млад лев бек, роден 2007 година, за кој настапите во Бутел Скопје и во македонското првенство ќе бидат првите на интернационалната сцена.
Гришикашвили има одлични физички предиспозиции (199/95) и досега беше дел од составот на Пегаси Тбилиси.
Има освоени многу клупски и индивидуални награди и трофеи во Грузија, селекторот Тите Каланадзе го повика и за сениорската репрезентација која обезбеди место на ЕП 2026, а претходно беше дел и од квалификациите за СП 2025. Во младинските репрезентации беше меѓу најдобрите стрелци во националниот тим.
Бутел Скопје оваа сезона се пласираше во плеј-офот на Супер лигата и ја продолжи традицијата да биде меѓу најдобрите екипи што се борат за титулата откако игра во елитното друштво.
Беше продолжена соработката со тренерот Горан Кузманоски, средниот бек Димитар Ѓеоргиевски, а Бутел го промовираше и голманот Благојче Трајкоски.