По завршувањето на дуелот против Македонија од квалификациите за ЕП 2026, еден од најискусните литвански ракометари, голманот Вилиус Рашимас (35), ја заврши својата репрезентативна кариера.
Тој од 2009 година одигра 82 натпревари за националниот тим, неколкупати беше прогласуван за најдобар играч, а врвот го достигна со пласманот на ЕП 2022 – прв за Литванија по речиси 25 години.
„Знаев дека ако не се пласираме на Европското, ова ќе биде крајот. Се појавија млади играчи кои заслужуваат шанса“, изјави Рашимас, кој настапи повреден против Македонија во последниот квалификациски натпревар.
Иако натпреварот во Скопје значеше крај на европските соништа за Литванија, Рашимас вели дека е горд што повторно облекол национален дрес.
Рашимас веќе пет сезони настапува за исландскиот клуб Хаукар и има уште една година договор. Потоа, размислува дали ќе ја заврши играчката кариера или ќе се посвети на тренерска работа и организирање на млади кампови во родната Литванија.