Актуелниот шампион Ѓорче Петров го делат милиметри од одбрана на шампионската титула откако славеше на гостински терен кај Чаир со 37-28.
Сега Ѓорче Петров има 33 бодови на првото место, Металург Автокоманда е втор со 23, но и меч помалку, па на „лавиците“ ќе им биде потребен уште бод во четирите следни натпревари за да ја потврдат новата титула.
Домаќинот Чаир одлично парираше во првото полувреме, иако ослабен без најдобриот стрелец Гулицоска, без Хана Мифтари која е повредена и уште неколку ракометарки.
Чаирчанки водеа со 14-12, но гостинките со серија од четири гола ја преземаа контролата и отидоа на пауза со водство, 16-14.
Како го завршија првиот, така продолжија и во вториот дел и полека ја зголемуваа предноста во своја корист, а тренерот Симовски одлично ги ротираше ракометарките, па рутински беше одработена завршницата.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Вранчиќ со седум и Јершек со шест гола, додека кај Чаир се истакнаа Ѓорѓиевска со осум и Дукоска со седум погодоци. Во следното коло Ѓорче Петров му гостува на Астибо, додека Чаир ќе оди на гости кај Куманово.