Позната е 31. селекција со мундијалски билет, се чека ИХФ да додели вајлд-карта!

Селекцијата на Парагвај е 31. селекција што обезбеди место на Мундијалот во Германија и Холандија, откако успешно ги комплетираше квалификациите „втора шанса“ во Средна и Јужна Америка.

Парагавај ги победи селекциите на Перу со 49-14 и Колумбија со 25-20, па по шести пат ќе биде дел од Мундијалите. Претходно од Средна и Јужна Америка, на СП 2025 места обезбедија Бразил, Аргентина и Уругвај.

Сега останува уште едно слободно место за Мундијалот, односно вајлд-карта од ИХФ. Претходно светската куќа на ракометот додели една вајлд-карта на Кина, а се очекуваше втората да биде во рацете на САД откако тоа беше најавено уште во 2021 година на Конгресот на ИХФ, но очигледно одлуката ќе биде променета.

Условот што тогаш им го наложи ИХФ на САД е да достигне одредено ниво и да има некаков успех, но тоа не се случи, па со оглед на тоа што низ текстовите на ИХФ не се споменува никаде дека втората вајлд-карта ќе оди за САД, би требало да заврши кај европска селекција.

Македонија е една од елиминираните европски селекции, која загуби со вкупна негатива од шест гола од Полска, но РФМ ќе има силна конкуренција во трката по вајлд-карта, бидејќи истото го посакуваат и Хрватска и Словенија, кои се со многу повисок рејтинг од нас, како и селекции од типот на Турција, Украина, Италија…

Покрај домаќините Холандија и Германија, од Европа на СП место обезбедија светскиот првак Франција, како и трите медалисти од ЕП 2024 – Норвешка, Данска и Унгарија. Преку квалификациите таму се најдоа 11 европски селекции – Полска, Србија, Шпанија, Швајцарија, Фарски Острови, Чешка, Романија, Шведска, Исланд, Црна Гора и Австрија.

Од Азија на СП 2025 патуваат Кореја, Иран, Казахстан и Јапонија, додека од Африка таму се пласираа Ангола, Тунис, Египет и Сенегал. Од Северна Америка и Кариби претставник ќе биде Куба, додека од Средна и Јужна Америка мундијалски билет обезбедија Бразил, Аргентина и Уругвај.

СП ќе се игра од 26 ноември до 14 декември годинава во пет града – Дортмунд, Трир, Штугарт, Хертогенбош и Ротердам, каде е закажан финалниот викенд.

Ждрепката за групите за СП 2025 ќе се одржи на 22 мај.