Актуелниот претедател на Ракометната федерација на Русија, Сергеј Шишкарев, ќе се кандидира за претседател на ИХФ.
Управниот Одбор ја предложи неговата кандидатура, па тој би требало да влезе во трка со Египќанецот Хасан Мустафа и Германецот Герд Буцек.
„Ова за мене е неочекувано. Станува збор за одговорна функција. Јас не сакам да губам. Ако се кандидирам, тоа значи дека мора да победам. Во мај ќе бидам дел од Ф4 во Лигата на шампионите, па ќе имам можност да се сретнам со претставници на многу федерации. Ќе разговарам и со претседателите на ЕХФ и ИХФ. Сметам дека овој предлог заслужува внимание и ќе го анализирам“, изјави Шишкарев за „Брз Центар“.
Вкупно 210 членки на ИХФ ќе имаат можност да гласаат на претстојниот Конгрес во Каиро кон крајот на годината, а медиумите најавуваат дека најмалку 100 федерации од Азија и Африка, повторно ќе му ја дадат поддршката на Мустафа, кој веќе 25 години е прв човек на светскиот ракомет.
Шишкарев своевремено беше дел од политиката, од 2015 е претседал на руската федерација, а покрај тоа е успешен бизнисмен. Неговата компанија „Дело“ беше спонзор на Лигата на шампионите, а инвестира во женските тимови ЦСКА Москва, Краснодар и Черноморочка, како и машките ЦСКА Москва и Зилант.