Низ повеќе европски терени овој викенд се играше завршницата од Куп натпреварувањата во машка и женска конкуренција.
Во Белгија, кај дамите, на триумфот се радуваше составот на Сент Труден, кој во финалето беше подобар од Спримонт со 23-21, а за победникот ова беше шести трофеј во Купот.
Кај момците, Бохолт, кој ја освои титулата во регионалната БЕНЕ лига минатиот викенд, сега имаше нова причина за радост со триумфот над ХУБО со 31-28. Овој трофеј беше осми во историјата.
Во Австрија, Хипо освои трофеј кај дамите со победата над Ацгерсдорф со 35-28, додека кај мажите славеше Тирол во драматичен финален натпревар против Румс Јагс со 28-27.
Во Русија се играше завршниот турнир кај дамите, а трофејот го освои Ростов Дон, кој го победи домаќинот на Ф4, Астраханочка со 31-26. За тимот предводен од Ирина Дибирова ова е 12. трофеј во Купот.